logo
Македонија е земја на љубезни луѓе што ги пречекуваат гостите насмеани и ги испраќаат задоволни.
Бул. ВМРО бр. 1, Скопје, Македонија
+389 2 32 32 821
info@htca.mk
Следете нè на:

Сопственици на хотели ги зголемуваат платите, ги молат луѓето да дојдат да работат, нудат бонуси, подароци…

 

Летната сезона само што не започнала, а бидејќи многу угостители се жалат дека не можат да најдат работна сила, ја истражувавме ситуацијата во најголемите хотелски групации во Хрватска.
Додека некои се жалат на недостигот од сезонски работници и оваа година за прв пат почнаа да увезуваат работна сила од соседните земји, други се обидуваат да ги подобрат работните услови.
Токму тоа се случило во една од најголемите хотелски групации во Хрватска – „Валамар ривиера“. Велат дека го зголемиле минималниот нето-приход и им гарантирале 5.000 до 7.500 куни на сите вработени што ќе исполнат целосен месечен фонд на часови, па од овие причини сезонските работници почнале да се враќаат.

„Валамар ќе вработи повеќе од 6.600 луѓе оваа сезона“

„Отворивме 600 нови работни места и оваа година ќе вработиме повеќе од 6.600 вработени кои ќе работат во 30 хотели и 15 кампови од Истра и Кварнер до Дубровник.

Исто така, оваа година ќе понудиме дури 1.200 договори за постојани сезонски работници и 400 нови договори за постојано вработување. Во 2016 година „Валмар ривиера“ ја започна програмата Валмар +3, која нуди дополнителни придобивки за нашите вработени кои работат сезонски работи, а кои влегуваат во мерката постојани сезонски работници, при што нивните услови се максимално изедначени со оние вработените кои се во постојан работен однос.

Процесот на вработување е во тек и сè оди според планот. Забележуваме навистина голем интерес за работа во нашите капацитети, а она што ни причинува особено задоволство е што огромен број колеги се враќаат од година во година. Обезбедуваме најдобри услови за сезонска работа во туризмот во Хрватска, што го препознаа нашите сегашни и идни вработени. Две третини од вработените во Валамар се локални жители од нашите дестинации, додека другите наши колеги доаѓаат најмногу од континентална Хрватска. Така што, најпрво ги наоѓаме вработените на хрватскиот пазар на трудот “, истакнуваат од „Валамар ривиера“ за Индекс.

Тие велат дека постојано инвестираат во сезонски работници кои доаѓаат од други делови на Хрватска и од регионот.

Последните две години во вработените во „Валамар куќи“ се инвестирани повеќе од 60 милиони куни, а оваа година ќе се отвори и четвртата „Валамар куќа“, која ќе биде достапна од оваа сезона на две локации во Пореч, како и во Крк и Рабац.

„Сезонските работници во Валамар имаат на располагање континуирано образование и обуки, можност за наградување во  програмата за наградување 21 и можности за напредување и за развој на кариера во сите сегменти на туристичкиот бизнис. Сезонската работа е првиот чекор кон постојана целодневна работа и развој на кариера во најголемата туристичка компанија во земјата“, велат од „Валамар ривиера“.

„ХУП“ Загреб, кој го држи „Шератон“, тешко наоѓа персонал во Дубровник

За проблемите со недостигот од работна сила проговори и една од најголемите хотелски групации во Хрватска – „ХУП“ Загреб, која меѓу другото ги држи и хотелите „Шератон“ во Загреб и Дубровник, потоа „Ветин“, „Панорама“, вкупно четири хотели во Дубровник, како и луксузни апартмани и вили во Сребрено.

„Има недостиг од персонал и во хотелите во Загреб и во Дубровник бидејќи недостигот на работна сила особено ескалира во текот на летната сезона на брегот, кога голем број потенцијални кандидати одат на работа на Јадранското Море. Најтешко е да се најдат помошни работници, собарки и келнери”, велат од оваа хотелска групација.

Во хотелите во Загреб најголема предност е тоа што тие можат да им обезбедат работа на вработените во текот на целата година и на тој начин да го обезбедат и нивниот престој.

„За одредени помошни работи ангажираме студенти на привремена работа. Соработуваме директно со стручните факултети (туризам и угостителство), каде што се обидуваме да пронајдеме иден персонал за рецепција, за резервации и за одделот за храна и пијалаци”, велат од групацијата и додаваат дека досега не увезувале работна сила.

Кога ги прашавме какви услови им нудат на своите вработени, истакнуваат дека им обезбедуваат сигурни плати кои секогаш им се исплаќаат во определениот рок.

„Покрај сите бенефиции што им се даваат на работниците во согласност со Колективниот договор, во Дубровник дополнително им нудиме и сместување и храна”, вели „ХУП“ Загреб.

Од хотелската групација „Адриатик луксузни хотели“, исто така, ни кажаа дека и оваа сезона продолжува трендот од последните три до четири години дека сѐ потешко се наоѓаат квалификувани сезонски работници.

„Јадрански луксузни хотели“ даваат божиќни подароци и бонуси и почнаа да увезуваат работници

„Како и претходните години, најголем дел од хотелите во угостителските објекти на компанијата ‘Јадрански луксузни хотели’ имаат најголема потреба од персонал во хотелските операции. Сите сезонски работници се најчесто вработени директно, додека услугите на други компании ретко се користат. Од оваа година почнавме да вработуваме странски работници со работна дозвола и очекуваме да вработиме помеѓу 10 и 20 лица од Босна и Херцеговина и од Македонија”, велат од ЈЛХ.

Тие наведуваат дека ЈЛХ континуирано и со години инвестираат за да ги подобрат условите за работа на сите свои вработени, без оглед на времетраењето на договорот, вклучувајќи ги и сезонските работници. На сите сезонски работници им се обезбедени бесплатно сместување и бесплатна храна, како и надомест за трошоците за транспорт во целосниот износ. Сите вработени во ЈЛХ, како сезонските работници така и оние со постојано вработување, имаат бесплатното дополнително здравствено осигурување обезбедено од работодавачот, како и право на божиќен подарок во висина од 2.500 куни и посебен подарок купон во вредност од 600 куни.

„Бидејќи со неодамнешната промена на даночните прописи од оваа година трошоците за сместување и храна на сезонските работници не подлежат на оданочување, одлуката на работодавачот е да ја пренасочи целата заштеда направена на овој начин кон вработените. Исто така, досегашната практика на ЈЛХ е  во текот на главната сезона вработените освен што добиваат плата, да се стимулираат дополнително во форма на летен бонус во износ од 1.000 куни нето за сите работници, што ќе важи и за 2018 година, а без оглед на предложените даночни промени од 1 мај 2018 година ќе резултира со зголемување од 3,9 % во основната плата, во споредба со претходната година”, велат од ЈЛХ.

Синдикатот на Истра, Кварнер и Далмација и компанијата „Лагуна Новиград“ која управува со туристичкиот бренд „Аминес хотели и кампови“ потпишаа нов Колективен договор со кој е обезбедена најголемата основица за пресметка на платите во туристичката дејност на Истра.

Тие ја зголемија основната бруто-плата за 5,5 отсто

За вработените во компанијата „Лагуна Новиград“, која има хотели и кампови на Истра и во Далмација, беше договорено зголемување на основната бруто-плата за вкупно 5,5 отсто. Од ова, 1,5 отсто отпаѓа на заштедата настаната поради промените во Законот за данок на доход, за неоданочување на трошоците за сместувањето и за храната за сезонските работници, додека 4 отсто претставуваат вистинско зголемување на платата, па така од 1 мај 2018 година најниската основна плата  помножена со соодветниот коефициент за работно место се зголемува од сегашниот износ од 3.820,00 куни на 4.030,10 куни. Тоа е најголемата основа за пресметка на платите во оваа дејност во Истра и, секако, меѓу најголемите во Хрватска.

Од „Аминес“ велат дека и во иднина се подготвени парите заштедени од намалувањето на давачките кон државата да ги насочат кон зголемување на платите. Во декември работниците, исто така, ќе имаат право на божиќен подарок од 2.500 куни износ кој не подлежи на данок. Ова ќе им следува и на сезонските работници кои биле во работен однос повеќе од 9 месеци, додека на работниците кои работеле од 6 до 9 месеци им следува сразмерен дел. На работниците ќе им биде исплатен и паричен надоместок во износ од 600 куни како подарок, кој не подлежи на оданочување, а ова право ќе го реализираат сите работници кои ќе бидат вработени во ноември. Доколку се постигнат планираните резултати, на работниците ќе им бидат исплатени и 500 куни во нето за јули и август, кои се најинтензивни месеци за работа. Како и секоја година, „Аминес“ ќе им исплати на родителите што имаат деца помали од 15 години износ од 600 куни, кој не подлежи на оданочување.

Претседателот на „Лагуна Новиград“, Зринка Бокулиќ, истакна дека „Аминес“ поттикнува култура на работа која ја вреднува колегијалноста и ја наградува иновацијата и личниот ангажман на секој вработен.

„Ова е исто така поддржано од фактот дека ние сме една од само две туристички компании кои го поседуваат сертификатот ‘работодавач партнер’, додека во пракса односот кон работата е потврден со високата стапка на враќање на вработените до 70 проценти”, вели Бокулиќ.

„Либурнија“ не сака да ја коментира својата деловна политика

Хотелската групација „Хотели Либурнија ривиера“ не сакаше да одговори на нашето прашање за условите за вработените, како и за недостигот од работна сила. Тие само накратко одговорија дека не коментираат за нивната деловна политика.

Други хотелиери со кои разговаравме („Соларис“, „Аренатурист“, хотели „Јадранка“ и хотели „Ремисенс“) не ни одговорија.

Преземено од index.hr

No Comments

Post a Comment