logo
Македонија е земја на љубезни луѓе што ги пречекуваат гостите насмеани и ги испраќаат задоволни.
Бул. ВМРО бр. 1, Скопје, Македонија
+389 2 32 32 821
info@htca.mk
Следете нè на:

Андријана Коруновска, најдобрата студентка на УКИМ од Правниот факултет – учесник на обуките на ХТЦА за маркетинг

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ им ги додели наградите и пофалниците на своите најдобри студенти за учебната 2016/2017 година. Традиционално, наградите за најдобрите дипломирани студенти се доделуваат еднаш годишно на најдобриот дипломиран студент на прв циклус студии на секој факултет на Универзитетот во секоја учебна година.

Наградата за најдобар дипломиран студент од Правниот факултет „Јустинијан Први“ ја доби Андријана Коруновска, која на овој факултет на насоката Односи со јавноста дипломирала со средна оценка 10,00.

Андријана Коруновска вели дека ваквата награда од УКИМ за неа претставува инспирација и поттик за нови успеси во  образованието и во професијата. Ваквото признание од УКИМ, нагласува Коруновска, ми значи многу и претставува голем мотив за мене.

И понатаму продолжувам со својата едукација, додава Коруновска, и наскоро ќе започнам со обука на полето на маркетингот, организирана од страна на тимот на ХТЦА – Тренинг центарот за хотелиерство Академик, а со цел да ги проширам своите познавања и практични способности.

Зошто се одлучивте да студирате односи со јавноста?

Кога го завршив средното образование, бев сигурна дека повеќе ме влечат општествените науки, но проблемот се појави кога требаше да се одлучам помеѓу правото, политиката и економијата. Со оглед на фактот што УКИМ ми беше приоритет, поради знаењето што го нуди и поради угледот што го поседува, темелно ги испитав сите студиски програми на факултетите. Во тој период на телевизија имаше прилог за тоа дека во Македонија постои недостиг на високообразован кадар од областа на односите со јавноста. Во потрага да научам нешто повеќе за оваа професија, на официјалната веб-страница на Правниот факултет „Јустинијан Први” ги најдов одговорите на моите прашања. Тогаш сфатив дека јас едноставно морам да се насочам на тоа поле и дека е вистинскиот избор, којшто нуди поврзаност на различни општествени науки и простор за себеизразување и креативност. Сите мои интереси и желбата за комуникација и интеракција беа интегрирани во оваа програма.

Односите со јавноста се релативно нова насока на Правниот факултет. Што опфаќаат овие студии?

Програмата за прв циклус студии трае шест семестри. Секој семестар има по три задолжителни предмети, но она што според мене е предност во оваа програма е тоа што нуди можност за изборни предмети од Факултетот и опциони предмети од Универзитетот. Притоа, студентите се стекнуваат со знаење од правото, од политичките системи, од новинарството и од економијата, што значи дека станува збор за програма којашто не е ограничена од аспект на проширување на знаењето и погледите кон светот. Исто така, нуди учество на најразлични обуки, семинари, летни школи, но најголемата предност е што преку оваа програма се подобруваат комуникациските вештини и способности на личноста, се стекнува критичко размислување. Додека во вториот циклус студии постои можност за доусовршување и насочување конкретно кон политиката, спортот или пак корпоративното комуницирање.

Кои ви беа омилени предмети за време на студиите?

Секој предмет нуди нешто ново и поразлично од она што било претходно научено, и кога студентот ќе ја пронајде суштината на предметот и кога ќе направи негова интерпретација на она што го учи со реалниот свет, неизбежен е фактот дека секој предмет има важност и буди интерес сам по себе. Доколку би морала да издвојам неколку предмети, иако сите ми биле драги и сум била максимално посветена на секој од нив, тоа би биле: Теорија на односите со јавноста, Интерна комуникација, Политички систем, Маркетинг, Политички маркетинг, Политичка пропаганда и убедување, Човечки ресурси, Економика, Меѓународни политички односи, Говорништво и невербална комуникација.

Зошто се важни односите со јавноста од општествен аспект?

Секоја индивидуа, секоја организација, политичка партија опстојуваат во рамките на една заедница, во општеството. И притоа самото општество се базира и функционира врз основа на комуникацијата и на интеракцијата којашто се остварува помеѓу субјектите во него. Затоа, би било подобро кога би кажале односи со јавностите, како што го дефинира тоа во своите книги проф. д-р Томе Груевски. Целиот проток на информациите – добивањето повратни информации и нивната анализа, запознавањето на јавноста (јавностите) со промените, со случувањата, со напредокот, со проблемите, со конфликтите и нивното разрешување, со градењето на заемна доверба помеѓу страните, соработката со медиумите се само еден мал дел од целиот спектар на придобивки и значења што ги нуди оваа професија од општествен аспект. Транспарентноста и заемниот слободен проток на информации како најважни карактеристики на оваа професија, според мене се клучот во развојот на општеството.

Кои се твоите планови за иден професионален и едукативен развој?

Моите планови сè уште се движат на кратки патеки. Моментално сум запишана на втор циклус студии на Правниот факултет, насока Корпоративно комуницирање, а студиите ќе ги продолжам и во наредната петта година. Наскоро ќе започнам со обука на полето на маркетингот, организирана од страна на тимот на ХТЦА – Тренинг центарот за хотелиерство Академик, со цел да ги проширам своите познавања и практични способности.